Петте нови бисери од „Фабриката за таленти“ на Ајакс

Ајакс по 21 година пауза повторно ќе игра европско финале, овојпат во рамките од Лигата на Европа против тимот на Манчестер јунајтед. Холандскиот гигант во своите витрини има четири титули европски првак и по еден трофеј во Купот на победниците на куповите и во Купот на УЕФА, но во изминатите две децении не успеа да се носи со врвните клубови ширум Европа, кои се поинтензивно трошат пари на врвни играчи.

Холандскиот фудбалски „џин“ не отстапи од својата стратегија, тимот од Амстердам остана „Фабрика за таленти“ која функционира беспрекорно и беше само прашање на време кога ќе се создаде генерација способна за да направи посериозен резултат за во иднина. Челниците чекаа и дочекаа, а европските медиуми издвоија петмина млади играчи на холандскиот состав за кои се прогнозира дека во иднина ќе прераснат во мегаѕвезди.

КАСПЕР ДОЛБЕРГ

dolberg lion

Овој 19-годишен напаѓач сезонава блесна во извонредно светло, постигнувајќи голови и на двете полуфинални средби со Лион. Тој беше „откриен“ од страна на Џон Стен Олсен, човекот кој ги „пронајде“ на Скандинавскиот полуостров Ибрахимовиќ и Ериксен и ги доведе во Ајакс. Долберг има 14 погодоци во холандското првенство и севкупно над 20 во сите натпреварувања. Долберг е висок 187 сантиметри, но исклучително добро технички поткован, поради што многумина го споредуваат со Златан Ибрахимовиќ. Ваквите компарации можеби делуваат нереално, но Ливерпул, Манчестер јунајтед и Евертон будно ги следат настапите на Данецот, за кого е само прашање на време кога ќе се пресели во некоја далеку посилна лига.

МАТИЈС ДЕ ЛИГТ

matijs de ligt

Има само 17 години, но веќе неколку месеци е предводник на одбранбената линија на Ајакс. Добрите настапи придонесоа да дебитира и за сениорската репрезентација на гостувањето против Бугарија, меч што ќе го памети по лошо поради поразот од 2-0. Тој е најмлад холандски репрезентативец кој настапил за националниот тим уште од 1931 година, а покрај централен дефанзивец, по потреба одлично се снаоѓа и како последен играч за врска.

ЏАСТИН КЛАЈВЕРТ

dzastin klajvert

Патрик Клајверт своевремено му донесе европски трофеј на Ајакс, а сега многу лесно тоа може да го стори и неговиот 17-годишен син Џастин. Не станува збор за сличен стил на игра, додека Патрик беше класичен голгетер, младиот Џастин е класично десно крило, крајно незгодно за противниците поради својата брзина и извонредниот дриблинг.

Од натпревар во натпревар се повеќе добива на самодоверба и се очекува да одигра најмалку триесетина минути на финалето со Манчестер јунајтед, при што младиот Клајверт сигурно е способен да му создаде големи главоболки на Жозе Мурињо.

ДАВИД НЕРЕС

david neres ajaks

Бразилецот е „изум“ на Марк Овермарс, кој реши да плати 12 милиони евра за да го доведе од Сао Пауло, што е највисока сума што Ајакс ја има платено за странски фудбалер уште од 2000 година. Одлично лево крило, играч се фантастична брзина и беспрекорен дриблинг што во неговата татковина го споредуваат дури и со големиот Нејмар. На европскиот фудбал се адаптираше со настапи за вториот тим на Ајакс, од неодамна почна да игра и за првата екипа, за која на седум натпревари постигна три погодоци. Овермарс при самиот трансфер најави дека „Нерес е играч за иднината“, па за очекување е овој фудбалер да стане стандарден првотимец во следната натпреварувачка сезона.

Андре Онана

onana ajaks

Младиот Камерунец ја почна својата кариера во татковината, како член на академијата на Самуел Ето. На 19 години пристигна во „Амстердам арена“ и најпрвин беше испратен на „калење“ во вториот тим на Ајакс. Откако Силесен минатото лето беше продаден на Барселона, токму Анана доби шанса да застане на голот на првиот тим, максимално оправдувајќи ја довербата на стручниот штаб. Со оглед на фактот дека минатиот месец наполни 21 година, јасно е дека кај Камерунецот постои простор за напредок, но пред овој голман е светла фудбалска иднина.

Се вчитува...