Пик Сегед го совлада Елверум и му направи услуга на Вардар

Ракометарите на Пик Сегед славеа на гостувањето кај Елверум со 24-27 во натпревар од 13. коло од групата А во Лигата на шампионите. Домаќините одиграа во егал три четвртини од натпреварот во кои беа рамноправен противник, но разликата во квалитет дојде до израз во последните 15 минути во кои гостите од Унгарија го скршија отпорот на противникот и стигнаа до нов триумф во елитното натпреварување.

Себастијан Фримел со шест гола беше прво име во таборот на победникот, додека еден помалку постигна Бенце Банхиди. Кај поразените Синдре Хелдал заврши со седум гола, а по четири постигнаа Јохансон и Солстад.

Со оваа победа Пик Сегед му направи услуга на Вардар кој неделава одмора поради суспензијата која ја заработи белорускиот Мешков Брест, поради инвазијата на Русија над Украина. Се уште ЕХФ нема донесено конечна одлука за овој натпревар, но големи се шансите Вардар да го добие на зелена маса. Сепак, и покрај сето ова Вардар следната недела на домашен терен против Елверум со победа ќе го освои петто место во групата А.

Се вчитува...