Пиоли: Фудбал без публика не е фудбал

Шефот на стручниот штаб на Милан, Стефано Пиоли, со право беше разочаран откако неговиот тим загуби на домашен терен од Џенова, дополнително компликувајќи си ја борбата за излез во фудбалска Европа. „Росонерите“ одиграа далеку под своите можности, а една од причините според Пиоли е фактот што мечот с еиграше без навивачи на трибините на „Сан Сиро“.

„Едно е јасно, фудбал без публика не е фудбал, тоа е така и за двата тима, но секогаш пооштетени ќе бидат домаќините, кои би имале поголема поддршка. Сепак, тоа не треба да ни биде алиби, моравме да го покажеме својот квалитет, да ги искористиме создадените шанси и да победиме. Овој пораз е само наша вина, без оглед на целиот хаос што се создаде и фактот дека кога се качивме во автобусот не знаевме дали воопшто ќе играме фудбал“, истакна Пиоли.

Дел од италијанските медиуми најавуваат дека во вторник ќе биде донесена конечна одлука за прекин на шампионатот.

„Јас не сум тој што треба да каже дали треба да се игра фудбал во овој период. Има луѓе кои многу повеќе ја разбираат ситуацијата од мене“, кратко прокоментира стратегот на „росонерите“.

Се вчитува...