Пјаниќ во Јуве до 2023, ова се бројките…

Миралем Пјаниќ одби неколку понуди во текот на летово, а наградата ќе стигне до крајот на овој месец, па босанскиот играч за врска ќе потпише нов долгогодишен договор со Јувентус. Тој го импресионираше тренерот Алегри со одлични игри по доаѓањето од Рома, експресно се наметна како главен организатор на играта на „старата дама“, па не беше изненадување што Јуве не сакаше да го продаде за сума под 100 милиони евра, со која италијанскиот првак ги исплаши сите клубови кои покажаа почетен интерес за Босанецот.

Желбата на раководството на трофејниот италијански клуб беше очигледна – да се одолее на понудите, за потоа да се потпише нов договор. Веќе сите детали се средени, па Пјаниќ во следните денови и официјално ќе го стави потписот на договорот со кој ќе продолжи да го носи дресот на Јувентус до 2023 година, две години подолго од договорот што го има во моментов. За возврат, тој ќе добие и значително зголемување на платата од 4,5 на 6,5 милиони евра по сезона, по што ќе се искачи меѓу најплатените фудбалери на Јуве, далеку само зад Кристијано Роналдо.

Јувентус инсистирал во новиот договор да нема клаузула за предвремен раскин, со што „црно-белите“ се осигуруваат дека во иднина нема да дојде до офанзива за негов ангажман во која тие би биле немоќни да го задржат.

Се вчитува...