Во Неапол е постигнат договор за повторно отворање на плоштадот Марадона, каде што има мурал насликан во 90-тите години во чест на славниот фудбалер, изјави адвокатот Анџело Писани, претставник на трговците од областа, која ја посетуваат туристи од целиот свет.
Како што изјави, во наредните денови ќе биде организирана тркалезна маса со општина Неапол за да се разгледаат, заедно со надлежните органи, најдобрите административни и управувачки решенија за зачувување, користење и валоризација на историскиот, туристичкиот и комерцијалниот локалитет што се разви во центарот на градот.
„По корисна и конструктивна средба помеѓу адвокатот Анџело Писани, во име на трговците и аниматорите од плоштадот Марадона и шпанските квартови и генералниот директор на Општина Неапол, беше постигнат важен договор и разумни решенија за повторно отворање на туристичкото место, кое е меѓу најпосетуваните во светот, како и за брзо организирање на изложбата на предмети посветени на Диего Армандо Марадона“, објави Писани, пренесува „Наполи Тудеј“.
Вчера култниот мурал на Марадона во Неапол бил прекриен во знак на протест од локалните продавачи на сувенири, поради тоа што инспектори им ја одзеле робата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

