ПМФЛ 12. КОЛО: Шкупи сака нова победа, Брегалница бара начин да ги скроти „гулабите“

Некоја од добрите серии на Шкупи и на Брегалница ќе прекине денеска на „Чаир“. Двата тима влегуваат во пресметката со четири победи по ред, вклучувајќи го и Купот каде се пласираа во следната фаза.

Шкупи на домашен терен знае само за победи, иако дел од мечевите ги одигра и надвор од својот „Чаир“. Но, чаирчани покажаа дека домашниот терен е нивна неосвоива тврдина. Брегалница, пак, не може да се пофали со импресивни резултати на гостински терен, но има свои адути денеска да ги „скроти“ гулабите.

Првиот меч во Штип заврши без голови, во меч во кој Брегалница доминираше и заслужи да победи. Меѓутоа од тогаш до сега многу работи се сменети, особено во чаирската екипа која влезе во серија, и во одлична атмосфера го очекува денешниот дерби меч.

„Очекувам добра игра и три бода. Добрата серија е мотив за нас да одиме чекор по чекор и да победуваме. За секој натпревар максимално се подготвуваме. Секој натпревар ни е важен. Многу ќе ни значи и поддршката од публиката, и кога играме пред нив, секако имаме уште поголем мотив да дадеме се од себе. Се надевам и посакувам и денеска да бидат на трибините. Што се однесува до Брегалница, не би сакал да зборувам многу. Ги респектираме како секој противник, но ни како и на секој меч одиме на три бода“, рече Али Адем, фудбалерот од средниот ред на Шкупи.

Брегалница по тешкото гостување во Битола и победата од 0-3, следува едно ново, овој пат уште потешко гостување на Чаир, на стадионот на кој досега никој не успеал да земе бод(ови). Штипјани не може да се пофалат со добра игра на гости (освоија пет бода), меѓутоа се надеваат дека тоа ќе се смени сега, и дека ќе ја продолжат серијата со која ќе се влезат во топ 3 екипите во првенството.

„Големо е задоволството по одличната игра и победата на секогаш жешкото гостување во Битола. Но, тој натпревар е веќе зад нас и мислите секако се насочуваат единствено кон следниот дуел. Јасно е дека не чека најтешкиот натпревар во овој есенски дел против најквалитетниот тим во лигата за кого носиме огромен респект, но во исто време во Скопје одиме да се надигруваме без преценување на никого. Ние за овој натпревар имаме свои идеи, цели и амбиции носени од желбата да приредиме уште една радост на нашите навивачи“ – вели столбот во одбраната на Брегалница, Даниел Мојсов.

Дуелот се игра во 14 часот на стадионот „Чаир“ и ќе биде единствениот меч кој ќе се игра денеска. Останатите натпревари се на програмата утре.

Се вчитува...