По една година интерес, Јунајтед конечно со прва понуда за Санчо

По една година преговори и флертување со Џејдон Санчо, Манчестер Јунајтед ја испрати и првата официјалната понуда за Англичанецот до Борусија Дортмунд со што наговести крај на трансфер сагата. Сепак, првиот обид на „црвените ѓаволи“ беше неуспешен бидејќи истата беше експресно одбиена од германскиот тим.

Имено, „црвените ѓаволи“ испратиле понуда од 70 милиони евра за репрезентативецот на Англија, но барањата на составот од Дортмунд се околку 90 милиони евра. Борусија минатото лето бараше 120 милиони, а германскиот клуб нема намера да ја спушти сумата од 90 милиони што ја бара за одличниот крилен офанзивец. Санчо начелно ги договорил условите за петгодишна соработка со Јунајтед, но јасно е дека договорот меѓу клубовите е потешкиот дел од задачата за раководството на најтрофејниот англиски фудбалски колектив.

Притоа Германците нема да брзаат со реализација на трансферот со оглед на тоа што 21-годишникот ќе настапи на престојното Европско првенство. За услугите на Санчо е заинтересиран и Челси, во игра се наоѓа и Ливерпул, па конкурентноста помеѓу англиските великани ќе биде во полза на Борусија Дортмунд.

Се вчитува...