Победа добива ново раководство, и општината со помош за прволигашот!

Прилепска Победа пред пролетниот дел од шампионатот во Првата лига ќе добие ново раководство. Според последните информации од градот под Марковите кули веќе и дефинитивно е извесно повлекувањето на Гоце Ингилизов од претседателската функција во клубот по запаѓањето на „црвените“ во финансиски проблеми на крајот од есенскиот дел од сезоната.

Нешто слично како и во Битола, неизвесна е ситуацијата околу статусот и на ФК Победа во пролетниот дел од првенството, поради што веќе е покрената акција за организациско и финансиско консолидирање. Најавите се дека и општина Прилеп со финансиска инјекција ќе овозможи мирна прволигашка пролет за Победа.

Засега останува недефиниран текот на зимските подготовки ниту пак е јасно со каков играчки кадар ќе се располага во вториот дел од шампионатот поради се поотворените најави за заминување на дел од фудбалерите. Но, се погласни се информациите дека до почетокот на зимските подготовки, низ првите денови од новата година ќе биде првиот собир на кој фудбалерите ќе бидат комплетно запознаени со плановите за иднината на клубот.

Победа во пролетниот дел од првенството ја очекува тешка битка за опстанок во елитната конкуренција. По есенскиот дел прилепчани се на 7. место со 19 бода, еден повеќе од осмопласираната Ренова и два повеќе од Пелистер.

Се вчитува...