Победа од денеска во Банско ја стартува втората фаза од подготовките (ФОТО)

Експедицијата на ФК Победа од 22 фудбалери и комплетниот стручен штаб денеска пристигна во комплексот „Пири“ во Банско каде прилепскиот прволигаш наредните 11 дена ќе ја реализира втората фаза од подготовките за новата сезона.

По попладневниот тренинг  и запознавањето со теренот, веќе утре Победа ќе го одигра првиот тест натпревар. Од 17 часот на поголемиот терен во комплексот во Банско противник ќе биде минатогодишниот бугарски прволигаш Монтана кој испадна во баражот со Локомотива Горна и во новата сезона ќе се натпреварува во Втората лига на Бугарија. В недела, на 16. јули, Победа ќе игра со амбициозниот третолигаш Арда од Крџали, во вторник на 18. јули со нашиот нов прволигаш Академија Пандев, а на 22. јули со третолигашот Гоце Делчев Пирин.

Шефот на стручниот штаб, Зоран Штерјовски пред заминувањето за Банско ја анализираше првата фаза од подготовките во Прилеп и го образлжи планот за работа во Банско:

„Првиот дел од подготовките беше аеробна фаза во која одработивме десеттина дена, додека втората фаза ќе ја реализираме во Банско наредниве десет дена каде исто така ке обрнеме внимание напоредно и на физичкиот и на тактичкиот дел. Ќе работиме на воигрување на тимот и ќе пробаме одредени играчи на повеќе позиции така да ќе имаме комплетна слика за секој играч поединечно. За време наподготвките во Банско закажани се четири пријателски натпревари, а таму планираме пет тест средби. Што се однесува до новите играчи прилично добро се адаптираат на новата средина и се надевам со престојните натпревари целосно ќе се вклопат и во тимот“ – вели Штерјовски.

bansko

По враќањето од подготовките во Банско, Победа има договорено две тест средби: со косовскиот прволигаш Лирија од Призрен на 26. јули во Охрид и со новиот второлигаш Саса од Македонска Каменица на 5. август во Прилеп. Единствено отанува да се дефинира противникот за генералката, исто така во Прилеп, а во комбинација се второлигашите Борец или Тиквеш. Новото првенство во Првата македонска лига започува на 13. август.

Се вчитува...