Победа на Македонија во драматичен финиш: Кадетите oдат по 9. место на ЕП!

Машката кадетска репрезентација на Македонија славеше голема победа над Португалија со 26:25 на Европското првенство, обезбедувајќи борба за 9. место на шампионатот.

Во драматичен натпревар со финиш кој ги истестира нервите на фановите, решавачкиот момент се случи на само пет секунди пред крајот, кога Костов ја затресе мрежата на Португалците и донесе заслужен триумф за нашиот национален тим.

Избраниците на селекторот Горан Кузманоски имаа целосна контрола врз играта во поголемиот дел од средбата. Од самиот почеток македонските кадети наметнаа силен ритам и заминаа на пауза со предност од четири гола (13:9). Добрата игра продолжи и во второто полувреме, каде во два наврати Македонија имаше и највисоки +6.

Сепак, влезот во последните десет минути донесе криза во нашиот напад. Португалскиот чувар на мрежата Алмеида влезе во серија одбрани, што овозможи противникот да направи пресврт и да израмни на 25:25, а потоа да има и напад за водство. Македонската одбрана го издржа тој притисок, а во последниот бран од нападот Костов го совлада Алмеида за конечни 26:25 и големо славје на теренот.

Најефикасен во македонскиот табор беше Дамчевски со 7 постигнати гола, додека јунакот Костов додаде 5. Извонреден на голот беше Николовски кој запиша 13 интервенции. Кај Португалија се истакна Маркеш со 9 погодоци, а голманот Алмеида мечот го заврши со 15 одбрани.

Со оваа победа, Македонија в недела ќе го игра последниот меч на ова Европско првенство во борба за 9. место, против подобриот од дуелот меѓу Австрија и Израел.

Се вчитува...