Победничко славје во Нествед: Димитријевиќ со кош од половина терен и пресуди на Данска

Македонската кошаркарска репрезентација со победа ги отвори претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако славеше на гостувањето кај Данска со 70-73. Во крајно неизвесен натпревар, Македонија на моменти беше подобриот противник, но победникот беше одлучен во последните секунди. „Црвено-жолтите“ немаа добар шутерски ден, реализираа само седум обиди за три поени, но последниот од нив дојде од над половина терен и значеше победа за Македонија.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на агресивната одбрана на двата дела од теренот, но и покрај тоа двата тима успеваа да ги казнат и малите пропусти на противникот. Во изедначената игра Данците беа за нијанса подобри во реализацијата за три поени и поените од транзиција па по 10. минути игра имаа водство од 18-14. Македонија успеа негативата да ја претврои во позитива уште на отварањето на втората четвртина кога со серија од 5-0, „црвено-жолтите“ стигнаа до водство (18-19), а продолжија во исто темпо и понатаму. Добрата одбрана на рекетот и донесе на нашите кошаркари лесни поени на спротивната страна, добриот проток на топката и „мис-меч“ ситуациите вродија плод па предноста се искачи на 19-25. Следеше пад во играта на Македонија која Данска умешно ја искористи за сведување на негативата на еден напад, но избраниците на Јончевски навремено ги консолидираа своите редови, заиграа подобро на двата дела од теренот за позитива од 29-34.

Добрата одбрана на Македонија над клучните играчи на данската репрезетнација продолжи да биде фактор на мечот. „Црвено-жолтите“ притоа го најдоа ритамот во нападот и стигнаа до највисоката предност од осум поени (33-41), но серијата од две тројки едно по друго на Данците експресно го врати домаќинот во игра (39-41). Тајм-атутот на Јончевски не дозволи целосен камбек на Данска, а натпреварот продолжи во игра на серии. Македонија го имаше Димитријевиќ па во еден момент поведе со 45-52, додека Данска одговори преку Лундберг за изедначување (55-55) пред одлучувачката четвртина.

Добриот моментум на Данска продолжи и во неа, а по пропуштените зицери на Македонија, домаќинот стигна и до предност од 59-57. Играта „кош за кош“ траеше до средината на четвртина кога данските кошаркари преку линијата за слободни фрлања стигна до предност од два напада (66-62), па Македонија мораше до крајот да брка негатива. Во полза на „црвено-жолтите“ не беше реализицијата за три поени, но нашите репрезентативци успеаја да најдат решение преку Димитијевиќ, Робев и Крстевски за 70-70 на 24. секунди пред крајот. Ифе имаше можност преку флотер да донесе победа за Данска, но откако промаши, Димитријевиќ од повеќе од половина терен погоди за победа.

Ненад Димитријевиќ беше лидер на Македонија со 29 поени, 4 скока и 4 асистенции, додека него го следеа Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски со по десет поени. Со 20 поени и 6 скока лидер на Данска беше Дарко Јукиќ.

Се вчитува...