Почина Миодраг Балетиќ, поранешен тренер на МЗТ Скопје кој ги промовираше Куртовиќ, Симиќ, Врба…

Долгогодишниот кошаркарски тренер Миодраг Балетиќ почина во Никшиќ на 72-годишна возраст. Балетиќ беше тренер речиси пет децении и остави длабока трага во црногорската и европската кошарка. Балетиќ остави најголем белег во работата во женската кошарка на Црна Гора, каде беше прв селектор на репрезентацијата со која учествуваше на Европските првенства во 2011 и 2013 година.

Моидраг беше тренер и на МЗТ Скопје во сезоната 1994/95, кога тимот од Аеродром стигна до финалето од Купот на Македонија чија завршница се одржа во Градски , совладувајќи го во полуфиналето Работнички. Во мечот за трофејот, подобар беше тимот на Кочани Деликатес.

Балетиќ имаше храброст во првиот тим активно да ги вклучи тогашните тинејџери Мирза Куртовиќ и Тони Симиќ, но и да му даде позначајна улога на Врбица Стефанов. Куртовиќ имаше само 17, а Симиќ 18 години, но тоа не беше пречка за црногорскиот стручњак да ги фрли во оган. Двајцата, заедно со Врба, подоцна беа носители на играта на МЗТ Скопје и стандардни репрезентативци на Македонија и направија блескави кариери.

Инаку, Балетиќ беше селектор и на јуниорската репрезентација на СР Југославија, која освои златен медал во Далас, како и селектор на олимписката селекција, која исто така освои златен медал на Универзијадата во Кина. Тој беше тренер на Сутјеска од Никшиќ, Ловчен, Приморје, Будуќност, Јединство од Бјело Полје, Могрен, Теута, Троа и Босна, Борац од Бања Лука, МЗТ, ФМП, Војводина и Вржац.

Се вчитува...