Почна ракометното ЕП: Русинките доминантни и без најдобрите

Русија славеше со убедливи 31-22 на дуелот со Шпанија, на отворањето од европскиот шампионат што од денеска почна во Данска. Русинките настапуваат сериозно ослабени на овој континентален собир откако останаа без помошта на најдобрите ракометарки Виахирева и Сен, но и со таков ослабен состав доминираа во пресметката со „црвената фурија“. Шпанките добро парираа во првото полувреме што заврши со резултат 13-11, за во вториот дел целосно да профункционира нападот на Русинките, кои ја наполнија мрежата на противникот.

Дури дванаесет различни ракометарки се запишаа меѓу стрелците за Русија, а најефикасни беа Бобровникова, Дмитриева и Скоробогаченко со по шест гола.

Многу понеизвесно беше на дуелот меѓу Романија и Германија, на кој Германките благодарение на одличната игра во одбрана стигнаа до триумф од 22-19. Пресуден беше периодот од 42. до 52. минута во кој романските ракометарки не постигнаа ниту еден гол, Германија поведе со 20-16 и потоа ја задржа предноста до самиот крај.

Кристина Неагу немаше свој ден постигнувајќи четири гола од дури 14 обиди (2/3 од нив од пенал), додека најефикасни кај Германија беа Белк и Маидхоф со по четири погодоци.

Се вчитува...