ПОД ОБРАЧ со Денис Дервишевиќ: „Фабриката за таленти“ ќе го задржи принципот на работа

Феникс 2010 слави јубилеј, а токму на десетгодишнината од своето постоење „фабриката“ за таленти го оствари и својот најголем успех во сениорската кошарка – пласман во Првата лига.

Овој клуб помина низ целиот потребен процес на правилен раст и развој како клуб. Неколку години избраниците на Денис Дервишевиќ се натпреваруваа во третиот ранг, неколку во вториот, а вложениот труд беше награден со речиси перфектна сезона со 21 победа и само три порази.

„Приказната почнува од 2010 година, а ова е наша десетта сезона. Кога почнавме да се натпреваруваме имавме екипи до м17 кои веќе следната година ги пријавивме да играат во Трета сениорска лига. Како што следа годините така и игравме со најстарата генерација и година до две помали играчи во Трета лига, а после две години влеговме во Втора лига каде што првата сезона имаме 20 порази бидејќи бевме најмлада екипа со 16 годишни играчи. Тогаш немаше испаѓање од Втора лига па веќе следната година успеавме и да дојдеме до некои седум победи. Претходната година несреќно не влеговме, долго време бевме втори, а со тоа што се прекина лигата не ја доигравме сезоната и влегоа првите две пласирани екипи. Оваа година знаевме дека ќе влеземе во Прва лига со оглед на ростерот со млади талентирани играчи кој што има од 16 до 20 години и неколку играчи од 22 до 26 години кои ја држат стабилноста и им даваат сигурност на младите“, го започна разговорот за ЕКИПА, Денис Дервишевиќ.

Феникс направи историски исчекор со влезот во „елитата“, целта е да се задржи прволигашкиот статус, но амбициите на клубот не запираат тука. Првиот човек на клубот најаува и втора екипа која ќе продолжи со развој на младите играчи по добро познатиот рецепт во пониските сенироски лиги.

„Целта на клубот е да направиме стабилна екипа, да опстануваме во Првата лига и да произведуваме играчи. Носители на играта ќе бидат наши играчи кои потекнуваат од Феникс, а странците ќе бидат високи играчи кои се дефицитарни кај нас, односно тие позиции кои ги немаме во клубот. Доколку се оди по планот за четири години сакаме да играме во Суперлигата помеѓу тие топ шест екипи. Оваа сезона беше специфична за нас бидејќи покрај тоа што се боревме за Прва лига, во исто време и разивавме млади играчи како Ивановски, Димевски, Стојковиќ, Костиќ, Здравковиќ, Чурлинов и ред други од генерациите 2004, 2005, 2006 и 2007. На овие играчи им дадовме шанса на пет до десет натпревари во сезоната со солидна минутажа од 10 до 20 минути и го подготвувавме да бидат носители на вториот тим кој без разлика дали ќе се натпреварува во Трета или Втора лига ќе има цел развивање и „производство“ на готови играчи кои ќе можеме после нивната 20 годишна возраст да ги пласираме и по европските екипи“

Успехот кој го бележи Феникс во последните години се темели на целосна посветеност, долгогодишен труд и напорна работа.

„Овие играчи кои моментално играат кај нас, генерациајта 2003, заедно со поискусните Србиновски, Кацарски, Хот и Димитриевски, се и грото носители на играта кои имаат одиграно претежно секоја сезона во последните пет години од 80 до 120 натпревари. Тоа е ретка бројка која кај нас ќе можат да ја одиграат деца во рок од три години. Тие момци цело лето го користат за усовршување, работат по два тренинга на ден. Андреј Митревски, Амар Хот, Теон Богатиновски… тие деца шест години наназад немаат одмор. Нивниот успех се темели на залагањето и контантната работа. Жртвата која тие ја даваат дава резултат. Сите играчи кои биле кај нас во клуб се жрвтвувале и тренирале имаат евидентен напредок. 99 отсто кај нас е напорната работа, сите кои работат напредуваат. Тој кој не работи напорно нема да може да го прикаже целиот потенцијал без разлика на талентот“

„Фабриката“ на таленти е „виновна“ за производството на идните кошаркари кои треба да бидат предводници и на самата репрезентација. Овие момци освоија се што можеше да се освои на домашниот фронт, но овие играчи не би биле тоа што се доколку Феникс не беше постојано активен и на меѓународната сцена.

„Јас како тренер и мојот клуб нема што нема освоено во Македонија во младински категории и тоа по пет, шест пати, меѓутоа се тоа паѓа во вода доколку не извадиш играч. Eвропската младинска лига (ЕЈБЛ) ја игравме повеќе од пет, шест години со овие генерации на играчи. На меѓународните натпревари можеме да видиме до каде е напредокот на нашите деца. На тие натпревари играме против екипи кои се поквалитетни од нас. Не одеме со цел да играме против некој кој можеме да го добиеме со 20 разлика па да се фалиме дека сме ги добиле, туку со екипи кои имаат добар систем и добра организација како Мега Бемакс, Црвена Звезда, Партизан, Баерн Минхен… со екипи чие ниво на игра е повисоко од нашето. Таму можевме да видиме што треба да промениме и во кој правец да се движат целите на младите, како да напредуваат. Андреј Митревски и Амар Хот пет години играат сениорска кошарка, Теон Богатиновски четири години, не една или две. Тоа се деца кои се уште немаат 18 години, а пет сезони играат сениорска кошарка. Децата вложуваат, а тој влог се исплати. Но, не смее да престане тука. Треба повеќе да вложува со цел да дојде до ниво да биде врвен кошаркар. Доколку направиш квалитетни играчи ќе имаш и резултати“

Феникс оваа сезона второлигашките дуели ги играше во „Наум Наумовски – Борче“ во скопската населба Маџари, но сеуште останува неизвесно дали и оваа населба од главниот град ќе добие прволигаш.

„Мометално тренираме во ЕМУЦ и ‘8ми Септември’, тоа се две сали кои се реновирани. Имаме цел склопен систем, наша теретана, место за пипрема, регенерација, индивидуални тренинзи. Имаме современа опрема, вложивме во две комбиња за патување што мислам дека ретко кој клуб го има во државата. Целта ни е да земеме уште една сала во која ќе ги играме натпреварите и во преговори сме за тоа. Ќе имаме наша публика и верувам дека секој натпревар ќе биде исполнет до последното место, барем од нашите членови бидејќи имаме голем број на деца кои тренираат во Феникс. Без разлика каде ќе играме, ќе гледаме да ја изреновираме целата сала и да ја доведеме до врвни услови и по сите стандарди“

Заслуга за тоа каде е Феникс денеска имаше и легендарниот тренер Марјан Лазовски кој за жал ја изгуби битката со коронавирусот.

„Сакам да им се заблагодарам на целата екипа. На кошаркарите кои цела година изгинаа и тренираа по два пати на ден. Имавме многу жртви и многу откажувања. Благодарност со стручниот штаб, Дамјан Саздов, Мартин Мојсовски, помошнците Златко Ристевски, Дејан Ристевски и исто така сакам да кажам дека во целиот проект беше вклучен и Марјан Лазовски кој ненадејно почина пред шест месеци. Целта на нашиот клуб е производство на играчи и ќе продолжи да се базира на тој принцип“

Се вчитува...