Емил Рајковиќ е еден од ретките македонски тренери кои во последните години ја претставува македонската кошарка на интернационалната сцена. Сега 43-годишниот стратег е надвор од Македонија од 2016 година кога од МЗТ Скопје замина во Стал од Остров Вјелкополски, а по две години поминати во полското првенство продолжи во ВТБ лигата.
Таму се афирмираше како еден од најдобрите тренери, земајќи скалпови на великани со Астана, а продолжи во ист стил и со руски Автодор. Со клубот од Саратов имаше фантастична сезона во ВТБ првенството, но и во ФИБА Еврокупот каде неговиот тим се сметаше за фаворит за освојување на титулата, се до исфрлањето од ФИБА од натпреварувањето поради руската инвазија на Украина.
„Мислам дека може да ја опишам како сезона која требаше да биде најуспешна во мојата кариера од резултатски аспект кој е значаен. Затоа што сепак долго време бевме први на табелата во ВТБ, а кога завршив со клубот бевме на трето место. Во ФИБА Еврокупот минавме две групи кои беа најсилни во натпреварувањето со Сарагоса од Шпанија и Реџо Емилија од Италија кои играа и во полуфиналето. Втората група беше со Бакенберс и Бахчешехир, кандидат број еден и со сите тие тимови имавме позитивен скор, ги надигравме. Се пласиравме во четвртфиналето кога ФИБА одлучи дека руски клубови не може да играат поради војната во Украина. Во тој момент бевме фаворит број еден за освојување на првенството и жалам за тоа најмногу. Сепак мислам дека е одличен резултат и тоа што беше во моја контрола помина супер“, го започна разговорот за ЕКИПА младиот стратег.
Под водство на Рајковиќ, Астана и Автодор Саратов успеaа да совладaат далеку поквалитетни тимови како Уникс Казањ, Зенит, Локомотив Кубан и Химки, а во 2019 година ја освои и наградата за најдобар тренер на ВТБ лигата во конкуренција со имиња како Димитрис Итудис, Грегорис Барцокас, Саша Обрадовиќ…
„Со Зенит имам позитивен скор во овие четири години во ВТБ лигата. Таму прво беше Жоан Плаза, сега Чави Пасквал, a ги добивме и на гости. ВТБ лигата ми даде потврда дека можам да бидам на највисокото ниво и да бидам успешен таму. Таму се тренери кои се олимписки шампиони, европски и светски шампиони како Итудис, Пасквал и слично. Можам да кажам дека за мене и моите соработници не е проблем кој е на другата страна. Го гледаме само тимот и се подготвуваме за него, и да ги победиме. На почетокот, можеби кој е на спротивната страна имало значење, меѓутоа повеќе не. Во секој случај добро е да се натпреваруваш против најголемите умови, најдобрите трендови се случуваат таму и мора да си креативен и да наоѓаш одговор на нивните потези. Тоа те приморува да одиш напред, да бидеш подобар“
Победите во ВТБ лигата и ФИБА Еврокупот го привлекоа вниманието и на останатите клубови од европскиот „крем“, па нема да биде случајно доколку Рајковиќ продолжи во клуб кој се бори за највисок пласман во следната сезона.
„Мислам дека оваа сезона го отвори вниманието на клубови од западна Европа. Мислам дека ќе има опции за продолжување на кариерата во други земји, со тоа што не ја исклучувам можноста да се среди ситуацијата и во Русија бидејќи никој не може да предвиди како ќе заврши оваа трагична ситуација. Но, знаете кај нас тренерите секогаш еден куфер е спакуван и не знаете каде ќе биде следната дестинација. Има време, ќе видиме“.
Емил Рајковиќ во минатото беше блиску и до селекторското место во сениорскта репрезентација, се јавуваше и како опција пред ангажманот на Драган Бајиќ, но пресуди договорот со казахстанската репрезентација.
„Гледам дека се прави одредена смена на генерации, дека полека играчите кои сум ги тренирал ги завршуваат кариерите, се појавуваат некои нови млади и се надевам дека во следниот период ќе се појават и други и тие млади како пример, Симиќ ќе прераснат во сериозни кошаркари. Новите кои се појавуваат и оние кои ги имаме во Америка дека полека ќе дојдат во ситуација да можат да и помогнат на репрезентацијата и дека ќе го подигнат квалитетот. Нивото кое го покажуваме сега не е задоволително и се надевам дека ќе стигнеме до повисоко ниво во следните години“
Македонија во последните години бележи „раст“ на бројот на млади кошаркарски стручњаци, па го запрашавме Рајковиќ кој е рецептот за успех во странство.
„Сите млади тренери некако се поврзани со мене или ми биле играчи или играле со мене и сите тие имаат потенцијал да бидат поквалитетни тренери кои ќе работат во странство. Мислам дека во овој момент кошарката во Македонија е далеку од топ лигите во Европа и тешко е да се направи тој чекор надвор за да се дојде до израз. Но, со добра работа, упорност и „глад“ можат да достигнат многу. Мене никој не ми помогна и јас секогаш сам барав начин да излезам надвор. Првата шанса која ја добив во Полска беше преку германски агент кој го најдов преку праќање мејл до разни агенции. Голема беше желбата да одам и да се пробам во странство и успеав. Битно е да има желба, амбиција. Многу голем дел од тренерите се задоволуваат со работата тука и како да немаат добра амбиција за излез надвор. Треба да имаш лудачка амбиција за излез надвор и успех таму. Кој ќе ги има тие карактеристики, ќе успее. Генерално имаме потенцијал, ние сме дел од југословенска школа и останало нешто од тие успеси. Нас не тренирале тренери како Аца Николиќ, Жеравица, Лечиќ, Докузовски, Књазев… се пренесуваат позитивни работи бидејќи Југославија заедно со САД и Русија биле водечки на светската кошарка“
Последниот ангажман на Рајковиќ во македонското првенство беше МЗТ Скопје, клуб кој во претходната деценија ги надмина проблемите и се постави како столб на македонската кошарка, но секогаш има место за напредок, па го прашавме тренерот да направи една споредба со условите во Астана.
„Пред се, кога се говори за Астана, треба да се разбере дека тоа е огледало на ВТБ-лигата, а не на казахстанското првенство и кошарката во оваа земја. За организацискиот аспект не е одговорен само клубот, туку и првенството во кое се натпреваруваш. Во однос на лигата таа сама поставува критериуми кои треба да се исполнат и тоа те влече напред. Астана како клуб кој се натпреварува во ВТБ лигата има буџет од четири до пет милиони евра годишно. Тоа не е богат клуб во споредба со руските гиганти, но работи домаќински. Странците не чинат повеќе од 100 илјади долари годишно. И во македонската кошарка имало такви играчи, па разликата не е голема во платите, но таму има добра сала, добра теретана, добри услови за рехабилитација со базен, џакузи, секој странски играч има возач кој го носи на тренинг, до дома, на пазар.. клубот се грижи за нив. Се лета со авиони и се оди во највисоки детали за на играчите да им биде удобно за на натпревар да дадат максимум. Организациската структура на клубот има повеќе оддели и повеќе луѓе се грижат за финансиски дел како одговорно лице, сметководители… потоа луѓе кои се одговорни за тимот, кои им служат на играчите без разлика дали станува збор за даночни политики или сместување, фамилија и слично. Клубот е сервис. Има маркетинг оддел кој функционира посебно, брка спонзори, прави наградни игри, работи социјални мрежи… Од тие 4, 5 милиони долари тие трошат 60 до 70 отсто за организација на клубот, а 30 до 40 отсто за платите на играчите. Посериозно и поодговорно се постапува и не се штеди на секакви ситници. Разликата меѓу Астана и сите македонски клубови е навистина огромна“
Пред МЗТ Скопје, Рајковиќ во мак-баскетот го предводеше Работнички во еден од последните обиди за враќање на тимот онаму каде што припаѓа.
„Работнички е мој клуб, таму поминав најмногу време. Јас сум од центар и од 10 до 26 години ги поминав таму. Како тренер пробав да направам здрава генерација на помлади македонски играчи, дополнети со странци и тоа да го преточиме во еден сериозен проект, но тоа не го препознаа тогаш и така требало да биде. Дефинитивно е трагична ситуацијата во која се наоѓа Работнички. Тоа е клуб кој мора да има прво водечка структура, која ја гледам сега во луѓето кои го сакаат клубот за разлика од претходно кога имаше секакви управи кои несовесно работеа. Потоа има и неколку елементи кои мора да се постават за враќање на здрави нозе. Да се изгради сала за да се обезбеди иднина. Потоа, внатре структурата да биде со прави луѓе кои ќе работат во интерес на развикот на клубот и тој мора да игра во АБА лига, не АБА2. Но, за да се дојде до таму мора да се поминат некои чекори на развој. МЗТ во моментов е поразвиен клуб кој има свој дом, неколку години се натпреварува во АБА лига, сега е на прагот и да се врати во првата лига и Работнички треба да гледа во тој поглед за да се врати каде што припаѓа. Било што друго за Работнички е неуспех“, завршува Рајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА