Пол Погба е чекор поблиску до заминување од Манчестер Јунајтед откако Ралф Рангник јасно стави до знаење дека Французинот нема да добие „посебен третман“ за да биде убеден да потпише нов договор со клубот.
Актуелниот договор истекува на крајот од сезонава и Погба летово може да си замине како слободен играч, тој веќе одби неколку понуди за продолжување на соработката, а Рангник е дециден на оваа тема.
„Мислам дека Манчестер Јунајтед е преголем клуб за да моли некого да остане на „Олд Трафорд“. Постојат преговори и понуди, доколку некој не верува во овој проект, никој не треба да го убедува во величината на Јунајтед. Ако не сака да игра за Манчестер Јунајтед, нема никаква поента да го убедуваме во спротивното“, изјави Рангник.
Францускиот репрезентативец се уште е повреден и рехалибилитациската програма ја извршува во Дубаи, нешто што не му се допаѓа на новиот стратег на „црвените ѓаволи“.
„Тоа е одлука што е донесена пред моето доаѓање и не можам да влијаам. Веќе разговарав со медицинскиот тим и јасно им ставив до знаење, во иднина сите повредени фудбалери рехабилитацијата ќе ја минуваат во Манчестер“, дециден е германскиот стратег на оваа тема.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА