Погба сака во ПСЖ, но само ако остане Нејмар

ПСЖ е подготвен за доведување на нова фудбалска мегаѕвезда во своите редови, овојпат за засилување на средниот ред и составување на уште помоќен тим со кој „светците“ во наредната сезона би тргнале на нов атак на трофејот во Лигата на шампионите. Пол Погба е фудбалерот што раководството на клубот сака да го доведе во Париз, зелено светло дал и новиот тренер Тухел, а како што јавуваат француските медиуми и самиот Погба е заинтересиран за камбек во татковината откако досегашниот дел од кариерата го мина во Англија и во Италија.

Двата гола на дербито со Манчестер сити не го намалија незадоволството кај фудбалерот за врска од статусот што го има кај Жозе Мурињо

„Погба сака да дојде во ПСЖ, но само под услов Нејмар да остане во клубот. Желбата е да се стане дел од историјата со освојувањето на ЛШ, а Пол е свесен дека шансите за тоа се реални само ако Нејмар остане“ – објавија француските медиуми повикувајќи се на извори блиски до Погба.

Веќе е јасно дека Мурињо ќе остане тренер на Јунајтед и во наредната сезона, што само по себе ќе значи зелено светло за заминување на Погба доколку пристигне интересна понуда. ПСЖ најпрвин ќе мора да продаде неколку фудбалери за да ги задоволи критериумите за финансиски ферплеј, но јасно е дека „светците“ ќе имаат богат буџет и за нови фудбалери, што ќе му биде на располагање на Томас Тухел.

Се вчитува...