Погба: Секој сонува да игра за Реал, сега плус и Зидан е тренер

Пол Погба ќе биде предводник на француската репрезентација во квалификациите за ЕВРО 2020, а големиот ас ја искористи денешната прес-конференција на националниот тим и за „флерт“ со Реал Мадрид.

„Денеска сум член на Манчестер Јунајтед, имаме нов тренер, нов систем на игра и среќен сум поради тоа, но никој не знае што ни носи иднината. Не е тајна, сите деца, сите фудбалери сонуваат еден ден да заиграат за Реал Мадрид. Јас не сум исклучок, сега плус и Зидан повторно е тренер“ – истакна Погба, подгревајќи ги шпекулациите за заминување од „Олд Трафорд“ на крајот од сезонава.

Французинот има договор со „црвените ѓаволи“ до 2021 година, долго време беше во немилост на Жозе Мурињо, но покажува многу подобри игри откако Солскјер дојде на чело на Јунајтед. Сепак, Зидан најавува „ремонт“ на Реал Мадрид, па лесно може да се случи токму сонародникот на тренерот на Реал да биде една од главните желби на „кралскиот клуб“.

Се вчитува...