Поглед кон трофејот: МЗТ Скопје против Сутјеска го започнува походот кон АБА1 (ФОТО)

МЗТ Скопје денеска од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ го започнува походот кон АБА1. Аеродромци кои се организатори на завршницата на регионалното првенство се фаворити за освојување на трофејот, но прво мора да ја поминат првата пречка наречена Сутјеска.

Црногорскиот состав е еден од тритте тимови кои успеаја да го совладаат МЗТ Скопје во регуларниот дел од првенството во натпревар во кој „сино-белите“ наместо да приредат мирен финиш дозволија целосен камбак на противникот со само два постигнати поени во речиси четири минути проследени со шест изгубени топки.

Тој натпревар беше воедно и првиот по заминувањето на Дастин Вер, но сега работите се променети по воигрувањето на Војдан Стојановски кој се очекува да биде лидерот на „сино-белите“ кон „елитата“ на регионалното првенство. Сепак аеродромци ќе мораат да бидат на врвот на својата задача против тим кој негува полетна кошарка со акцент на играта во рекетот.

„Нашата цел е да го освоиме овој турнир и да настапуваме во АБА1, но овој систем на натпреварување е доста незгоден, нешто слично како Куп натпреварите каде добро знаеме дека нема фаворити. Одиме натпревар по натпревар, прво на ред е Сутјеска, тим со кој игравме многу тежок и незвесен натпревар. Мислам дека квалитетот и ротацијата се на наша страна, но мора тоа да го покажеме на теренот“, изјави за ЕКИПА, Бојан Крстевски.

Аеродромци на завршницата од турнирот ќе ја имаат поддршката и својот „шестти играч“ – навивачите па се е подготвено за спектакл во СЦ „Јане Сандански“, место кое важи за „тврдина“ на МЗТ Скопје во натпреварите од АБА2.

Се вчитува...