Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, гостин едно од најголемите имиња во македонската фудбалска историја, Бобан Бабунски.
Поранешниот македонски репрезентативец, но потоа и селектор на сениорската и младата репрезентација на Македонија, меѓу другото, се потсети и на славните денови со онаа шампионска генерација на Вардар од 1987 година со која стигнаа до шампионската титула во Југославија.
Бабунски вели дека најголемата вредност на таа генерација е карактер на сите поединци, пред се како личности, добри луѓе, а потоа и извонредни фудбалери.
„Ете, гордост да кажам е тоа што имав среќа баш да ја почнам кариерата во една таква фантастична генерација, која што успеа да биде шампион, и тоа во исклучително јака југословенска лига. Секогаш се потсетувам пред се на вредностите како луѓе на секој поединец од таа генерација, културата која што беше во тојмомент, средината, поддршката од навивачите, од клубот, практично сите кои што го сакаа фудбалот во тој момент. Тогаш, Вардар беше како репрезентација на Македонија, најдоброто собрано од Македонија. Секако, имав среќа да почнам и учам од извонредни личности, пред се од Панчев, Најдовски, Канатларовски, Савевски и сите други да не ги набројувам. Извонредна генерација која што се градеше уште од Бобек, па потоа дојде Вишњевац и на крај Дончевски успеа да направи една кохезија. Едноставно поискусните играчи успеаја да го носат тој товар и да дојдеме до шампионска титула“ – вели Бабунски и дополнува:
„Кога ја спомнувам таа генерација, пред се, се навраќа на вредностите како луѓе во тој момент на цела генерација, на сите играчи кои што беа пред се добри личности, фантастични луѓе и како последица на тоа и добри фудбалери“.
Следната година Вардар слави 40 години од единствената освоена титула во поранешна Југославија, токму на таа славна генерација. Колку е можно да се одигра еден ревијален натпревар на кој ќе се собере таа генерација!?
„Сигурно е интересна идеја. Не знам како би бил одзивот, дали не заборавиле луѓето или не? Тоа може да видиме, секако, зошто да не..!? Одлична идеја, но ќе треба малку да се подготвиме, одреден период на подготовки да одиме, за да може да издржиме некоја минута на терен“ – низ смеа коментира Бабунски.
ЦЕЛАТА ЕПИЗОДА НА СПОРТСКИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ЈА ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
