Пол Погба ќе ја оживува кариерата во Холандија!?

Пол Погба е пред нов предизвик во кариерата. Францускиот фудбалер, кој неодамна го напушти Монако, постигнал усен договор со холандска Фортуна Ситард и наскоро би требало да стави потпис на договорот.

Според информациите, двете страни постигнале договор, а документите за трансферот веќе се подготвуваат. Погба наводно веќе ги минал и лекарските прегледи, па остануваат уште формалностите до официјалното претставување.

За 33-годишниот Французин ова ќе биде ново поглавје по кратката и неуспешна епизода во Монако. Погба во клубот од Кнежевството пристигна со големи очекувања, но поради долгата пауза и проблемите со физичката подготвеност успеа да одигра само шест натпревари.

Монако летово одлучи да го раскине договорот со искусниот играч за врска, кој така стана слободен фудбалер и можеше да избира каде ќе ја продолжи кариерата. Покрај Фортуна Ситард, за неговите услуги постоел интерес и од клубови од САД и Турција.

Погба во минатото беше една од најголемите ѕвезди во европскиот фудбал. Манчестер Јунајтед во 2016 година плати дури 105 милиони евра за неговиот трансфер од Јувентус, а со француската репрезентација во 2018 година ја освои титулата светски шампион.

Сепак, кариерата на Погба во последните години беше сериозно погодена од повреди и суспензијата поради допинг, поради која помина долг период надвор од фудбалот. Сега тој ќе се обиде повторно да најде континуитет, но овојпат во холандската Ередивизија.

Се вчитува...