Пола Европа заинтересирана за новиот Месут Озил

Арсенал, Ливерпул, Манчестер Сити, Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Ајакс се само дел од европските гиганти кои се заинтересирани за потпис со 17-годишниот Турчин, Арда Гулер кому скаутите му предвидуваат блескава иднина.

Фудбалерот на Фенербахче е често споредуван со Месут Озил, а оваа сезона играчот од средниот ред имаше шанса и да заигра рамо до рамо со германскиот репрезентативец со турско потекло. Гулер за првиот тим на истанбулскиот состав настапи на 10 средби во турското првенсто, во кои три пати се запиша во листата на стрелци, а два пати асистираше до соиграчите.

Покрај тоа миленикот на навивачите стекна и интернационално искуство со два настапи во Конференциската лига, а шансата ја круниса со две асистенции. Одличните настапи на младиот играч не ги заборавија и најверните фанови кои истакнаа транспаренти „Арда Гулер, турскиот Меси“.

Во моментот најблиску до потпис со Гулер се германските гиганти Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, но нема да биде изненадување доколку Турчинот заврши во редовите на Барселона како дел од младиот тим на Чави.

Се вчитува...