Политички скандал ако победи Бока?!

Бока јуниорс ја загуби битката „на зелена маса“ да стигне до пехарот од Копа Либертадорес, па „сино-жолтите“ вечерва ќе излезат на теренот на „Сантијаго Бернабеу“ во обид да слават над Ривер плата и да се закитат со големиот трофеј. А доколку тоа се случи, само по себе ќе повлече низа на случувања кои ќе доведат до политички скандал во наредните десетина дена, објавуваат шпанските медиуми.

Поконкретно кажано, проблемот е во спонзорот на Бока јуниорс, компанијата „Катар ервејс“, која би била забранета за било какво покажување во јавноста за претстојниот клупски мундијал што ќе се игра во Обединетите Арапски Емирати. Катар води жестока битка со Саудиска Арабија, Египет, Бахраин и Обединетите Арапски Емирати, земји во кои се најстрого забранети сите катарски продукти, како и рекламирање на компаниите од оваа држава.

За конкретниот случај, не само што фудбалерите и тренерите на Бока секаде ќе треба да се појавуваат со опрема без спонзор, туку и навивачите на аргентинскиот гигант нема да смеат да бидат видени во јавноста со дрес, маица или тренерка на која ќе пишува „Катар ервејс“. ФИФА е немоќна да интервенира во овој случај, па паралелно со фудбалската, ќе се води и политичка битка во која редовно победуваат домаќините на големите натпреварувања.

Само за потсетување, пред неколку години во слична ситуација се најде и Барселона, која во тоа време исто така го имаше „Катар ервејс“ за спонзор. Тогаш еден навивач се реши за правна битка откако беше казнет за носење на дрес на својот омилен клуб на улиците на Абу Даби. На крајот тој беше дополнително казнет со вкупна парична казна од 115.000 евра, со дополнително предупредување дека ако го повтори „престапот“ ќе следи затворска казна во времетраење од 12 години.

Се вчитува...