ПОЛУВРЕМЕ: „Фластерите“ ни направија проблем – од „плус шест“ до само еден гол предност

МАкедонската репрезентација има еден гол предност (20-19) по првото полувреме од мечот против Јужна Кореја за пласман на Президент купот од СП 2023 во Плоцк. „Црвено-жолтите“ имаа целосна контрола се до завршните седум-осум минути. Тогаш, Корејците тргнаа во поагресивна одбрана со два фластери на нашите бекови, Македонија го загуби ритамот во нападот, по што убедливата позитива од 17-11 експресно се стопи и на одмор заминуваме со само еден гол предност.

Мечот почна со одбрана на Томовски и лесен гол од контранапад на Костески за стартно водство на македонскиот национален тим. Нашите ракометари продолжија со подобра игра, од цврстата одбрана произлегоа голови на спротивната страна што Костески ги претвори во нов гол, за водство од 6-3 во осмата минута од натпреварот. Десното крило на Еурофарм Пелистер го продолжи своето шоу и со нов гол зголеми на 8-4, принудувајќи го противничкиот селектор на тајмаут.

Џонов погоди од контранапад за „плус пет“ за Македонија, Корејците за момент намалија на три гола разлика (11-8), но следеше нова серија на Македонија предводена од одличниот Томовски на голот, и наше водство од 13-8. Корејците се полесно го наоѓаа патот до нашиот гол, па Лазаров при водство од 14-11 го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Томовски одлично одбрани, нашиот напад повторно доби на динамика, па со новите голови на Џонов и на Кузмановски следеше и најубедливо водство од 17-11.

Корејците во завршницата од полувремето се решија за нешто поагресивна одбранбена зона со која создадоа доста проблеми, па предноста на Македонија пред крајот на полувремето се стопи на 18-17. Серафимов ја прекина серијата на противникот, но ривалот од Азија до крајот успеа да стигне до само еден гол негатива (20-19).

Се вчитува...