Ракометната репрезентација на Македонија е на чекор да забележи значајна победа на гостувањето против Естонија во квалификациите за ЕП 2026, откако нашите ракометари за само едно полувреме стигнаа до убедлива предност од 10-19. Темпото што го наметнаа „црвено-жолтите“ е невозможно да се следи од аутсајдерот во групата, па избраниците на Лазаров се многу блиску до триумф што уште повеќе ќе ја зголеми самодовербата пред клучниот меч со Литванија закажан за недела.
Мечот го почнавме со две успешни интервенции на Никола Митревски, што овозможи набрзина да стигнеме и до два гола предност. Томи Јагуриновски беше во главна улога на стартот, со еден гол и една асистенција носејќи предност од 2-4. Грубите Естонци добија две исклучувања за дваесетина секунди, а Македонија го искористи тоа и со два гола на Кузмановски и Лазаревски набрзина поведе со 2-6. Естонскиот селектор побара тајмаут при 2-7, домаќините нецели девет минути беа без гол пред бекот Мамприја да стрела прецизно од девет метри за 3-8, но веднаш следеа два брзи гола на Македонија за предност од 3-10 на половина од првото полувреме.
Лазаров ги направи вообичаените промени околу половина од полувремето, но продолживме со цврста одбрана, додека во нападот создававме големи проблеми преку пивот, најпрвин со головите на Лазаревски, а потоа и на Никола Маркоски. Доминацијата на Македонија продолжи, па на шест минути до крајот на полувремето со прекрасниот погодок на Атанасијевиќ стигнавме и до првото двоцифрено водство (5-15). До крајот на полувремето се одигра ефикасно на двете страни, па на одмор заминавме со одлични 10-19.
Кузмановски и Лазаревски се најефикасни со по три гола, по два имаат Серафимов, Костески, Маркоски, Пешевски и Јагуриновски, додека Митревски има шест интервенции на нашиот гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА