ПОЛУВРЕМЕ: Македонија со убедливо водство против Мароко

Македонските ракометари се на добар пат да ја забележат и втората победа на СП 2023, откако по првото полувреме имаат убедливо водство од 18-12 против селекцијата на Мароко, во рамките од третото коло од Президент купот. „Црвено-жолтите“ делуваат сигурно и самоуверено, разликата во квалитет во однос на противникот потврдувајќи ја со одлично издание во првите 30 минути.

Селекторот Лазаров направи неколку промени во составот, Гоце Георгиевски воопшто не беше во комбинација, на голот шанса доби Томовски, а на лево крило стартуваше Петар Атанасијевиќ пред Манасков. Брзиот напад беше наш заштитен знак од самиот почеток, максимално користејќи ги грешките на противникот за водство од 5-2 по само шест минути игра. Крилата Костески и Атанасијевиќ лесно реализираа од контранапади и Македонија набрзина поведе со 6-2, резултат при кој мароканскиот селектор побара тајмаут. Атанасијевиќ веднаш по тајмаутот погоди за 7-2, но веднаш потоа следеа серија грешки на нашите ракометари, што Мароканците го искористија за на половина од полувремето да намалат на 8-6.

Мароканците се обидоа со далеку поагресивна дефанзивна зона да ја исфрлат од ритам нашата репрезентација. Во нападот наоѓавме решение, но во одбраната се повеќе се мачевме, па Мароканците ја одржуваа негативата на два гола (12-10, 13-11). Штом повторно профункционира одбраната, веднаш и предноста се зголеми, па со голот на Петров Македонија повторно стигна до „плус пет“ (16-11). Финишот од полувремето мина во знакот на македонските ракометари, кои на одмор заминаа со водство од 18-12.

Се вчитува...