Поради допингот ќе се преправаат светски рекорди во атлетиката

Европската атлетска федерација формира работна група која ќе треба да го испита кредибилитетот на светските рекорди после бројните допинг скандали. Според новите критериуми на ИААФ, многу светски рекордери може да останат без таа титула.

Постојат рекорди во кои луѓето во спортот, медиумите и јавноста немаат целосна доверба“ – истакна членот на работната група, Пирс О’Калахан.

Според предлогот на Европската атлетска федерација, светски рекорд ќе биде признат ако атлетичарот пред да го постигне тој резултат, повеќепати бил тестиран на допинг и после натпреварот му бил земен примерок кој ќе биде достапен за повторно тестирање. Примерокот за допинг контрола земен по поставувањето на светскиот рекорд, ќе биде сочуван и на располагање за тестирање во период од 10 години.

Светската атлетска федерација (ИААФ) во јули треба да го прифати предлогот за дополнителните мерки според кои за да биде важечки светскиот рекорд, мора да бидат исполнети одредени критериуми.

Ми се допаѓа овој предлог, бидејќи нагласува дека сме го поставиле на место системот за допинг контрола и технологијата кои сега се многу побезбедни отколку што беа пред 10 или 15 години. Ќе има атлетичари, актуелни светски рекордери, кои ќе мислат дека со преправањето на рекордите нешто ќе им биде одземено, но јас мислам дека ова е чекор во добар правец. Имаме добри шанси да го вратиме кредибилитетот на овој план“ – изјави претседателот ан ИААФ, Себастијан Коу.

Предложено е и резултатите да бидат избришани од книгата на рекорди ако спортистот признал дека направил допинг прекршок, дури и кога тоа не влијаело директно на неговиот настап и на поставувањето на светскиот рекорд.

Предлогот за новите критериуми е одговор на минатогодишниот извештај на ИААФ за распространетоста на допингот во атлетиката, пред се кај руските спортисти. На руските атлетичари им беше забрането да учествуваат на меѓународните натпреварувања се додека не ги иполнат сите критериуми и не докажат дека се чисти.

Повеќе од 100 олимпијци кои се натпреваруваа на ОИ во 2008 и на ОИ во 2012 се казнети поради допинг, откако Меѓународниот олимписки комитет покрена програма за повторени тестирања на примероците за допинг.

Се вчитува...