Поради воено-политичката ситуација во Израел: Македонија ќе игра пред празни трибини во Струмица!

Машкиот национален тим и Одбојкарската федерација на Македонија викендов во Струмица се домаќини на турнир од третиот натпреварувачки викенд од ЦЕВ Европската Златна лига 2025. Македонија ги пречекува Израел и Црна Гора.

„Поради воено-политичката ситуација во која се наоѓа Израел, по препорака на Министерството за внатрешни работи, натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Израел, закажан за в петок, од 20 часот, во СС „Парк“ ќе се игра пред празни трибини. Од истите причини и мечот меѓу Израелците и Црна Гора, в сабота, од 20 часот во салата „Парк“ ќе се игра зад затворени врати“ – информираат од Одбојкарската федерација на Македонија.

Љубителите на одбојката во живо ќе може да го следат единствено натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора, в недела, од 20 часот.

Сите натпревари од турнирот во Струмица ќе имаат директен телевизиски пренос на националниот сервис (МРТ3).

Се вчитува...