Лео Меси го одигра последниот натпревар во репрезентативниот дрес, по што пораки од бројни фудбалски суперѕвезди и поранешни соиграчи пристигнаа на адресата на аргентинскиот генијалец.
„Не е само Аргентина таа што ти се заблагодарува. Светот ти е благодарен за се што направи за фудбалот. Ти благодарам што направи уште повеќе да го засакам фудбалот“, порача Нејмар, кој со години настапуваше крај Меси во дресот на Барселона.
Третиот член на тоа напаѓачко трио, Уругваецот Луис Суарез важи за најдобар пријател на Меси во светот на фудбалот, впрочем тој се уште му е клупски соиграч на Лео, сега во Интер Мајами.
„Добиваш и повеќе од заслужено признание од сите луѓе поради твојата кариера, поради она што претставуваш за твојата земја. Биди многу горд“, напиша уругвајскиот голгетер.
Роналдињо беше крај Лео на самиот почеток од неговата кариера во Барселона, а токму Бразилецот беше асистент при првиот сениорски погодок на Меси.
„Какво задоволство и каква радост што сум дел уште од првиот ден од твојата приказна. Правеше да се смееме, да уживаме во фудбалот. Твоето име е во историјата на твојата земја, на целиот свет“, гласи пораката на Роналдињо.
Се чини, сржта ја погоди Анхел ди Марија, човекот кој долги години беше рамо до рамо со Лео во дресот на „гаучосите“.
„Да го видам така среќен, така мирен, свесен дека дал се за нашата репрезентација. Тоа ме прави и мене среќен, како и цела Аргентина. Треба многу да ужива, а ние ќе му бидеме благодарни до крајот на животот“, порача Анхел Ди Марија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
