Поранешниот француски шампион исфрлен во шеста лига!

Поранешниот шампион на Франција и клуб кој своевремено играше во финалето на Купот на УЕФА, Бордо доживеа целосен финансиски колапс, откако „жирондинците“ беа исфрлени во шестиот ранг на натпреварување.

Клубот низ чија историја минале имиња како Зинедин Зидан, Јоан Гуркуф, Кристоф Дугари и Лоран Блан, сега се соочува со целосно згаснување. Се чинеше дека најлошото сценарио може да се избегне кога инвестицискиот фонд „Спарта Капитал“ претстави финансиски пакет вреден 10,6 милиони евра, но тоа не беше доволно за да ги убеди надлежните институции дека Бордо може да го стабилизира своето работење.

Така, некогашниот француски великан падна во шестиот ранг, а тоа, сепак, не мора да биде крајот на агонијата. Доколку сегашните сопственици проценат дека повеќе нема смисла да се обидуваат да го спасат клубот, на Бордо му се заканува и судска ликвидација. Колку е драматична ситуацијата најдобро покажува она што се случи пред пријателскиот натпревар против Стад Бордо. Фудбалерите дознаа за одлуката за иднината на клубот само неколку минути пред почетокот. И покрај се, тие излегоа на теренот и одиграа натпревар кој заврши 1-1.

На натпреварот присуствуваа околу 300 навивачи. Некои го навредуваа поранешниот сопственик Жерар Лопез, додека други им скандираа на фудбалерите кои, и покрај се, одлучија да останат и да ги бранат боите на клубот што е пред исчезнување.  По натпреварот, фудбалерите, многумина со солзи во очите, се упатија кон трибините. Навивачите ги поздравија со скандирање на името на секој од нив поединечно. Дури и Ричард Дердиер, човек кој повеќе од 25 години работи како домае во Бордо и кој беше сведок на пропаста на клубот, не можеше да ги задржи солзите.

Агонијата на Бордо трае со години, а особено ескалираше по 2018 година, кога Жерар Лопез го презеде клубот. Неговиот престој остави тешка трага во Боависта и Мускрон, додека ниту во Лил не го паметат по добро.

Се вчитува...