Поранешниот тренер на Алкараз би сакал да го тренира и Синер

Поранешниот шпански тенисер, Хуан Карлос Фереро, кој во последните неколку години му беше тренер на Карлос Алкараз, пројави желба во иднина да работи и со Италијанецот Јаник Синер.

Алкараз со Фереро како тренер, освои шест грендслем титули, по двапати триумфираше на Ролан Гарос, Вимблдон и УС Опен, а притоа дојде и до првото место на АТП ранг-листата.

По разделбата со Алкараз, Фереро сега изјави дека би сакал во еден момент да работи и со Јаник Синер, кој е најголем конкурент на младиот Шпанец.

„Тоа што го тренирав Алкараз не значи дека не можам да го тренирам неговиот најголем ривал. Тоа би претставувало можност да напредувам како тренер и да соработувам со двајцата најдобри тенисери во нивната генерација. Ништо лошо не му посакувам на Алкараз и евентуалната соработка со Синер не би претставувала освета кон него. Сакам да работам, фокусот е на мојата кариера и на тоа како да станам подобар тренер“, изјави Фереро.

Јаник Синер моментно има двајца тренери, Симоне Вањоци и Дарен Кејхил кој ќе биде во боксот на Италијанецот до крајот на годинава.

Како негова замена, италијанските медиуми го споменуваат токму Фереро, но и Магнус Норман кој му беше тренер на Станислас Вавринка.

Се вчитува...