Пораз во Унгарија: Се повреди и Периќ, битолчани потклекнаа пред Татабања

Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето против Татабања (25-21), резултат со кој битолскиот клуб си ги сведе на теорија шансите за освојување на првото место во групата. „Пелистерци“ допатуваа во Унгарија без повредените Табоада, Велковски и Обрадовиќ, а клучна вечерва се покажа повредата на Периќ во второто полувреме, по која Татабања успеа да се одлепи и да стигне до победата.

Дуелот почна со нешто подобра игра на Татабања, па унгарскиот состав во раната фаза на мечот поведе со 3-1. Мандалиниќ беше главна фигура во таборот на Еурофарм Пелистер, со изнудени пенали и исклучувања одржувајќи го својот тим во игра. „Пелистерци“ успеаја да се стабилизираат, набрзина се вратија резултатски, а кога Мандалиниќ влезе во шутерско шоу од својата позиција следеше и прво водство на македонскиот вицепрвак (8-9, 22. минута). Кизиќ влезе дополнителна сигурност во одбраната откако застана на голот на местото на Секељи, но до крајот на полувремето се играше израмнето и на одмор се замина со резултат 11-11.

Вториот дел почна со два брзи гола на Граџан и водство на Еурофарм Пелистер од 11-13, пред Унгарците да постигнат три гола во низа и да стигнат до водство. Проблемите на Бабиќ се зголемија откако по десетина минути игра во вториот дел на повреда се пожали Периќ, на чие место во игра влезе Танкоски. Мандалиниќ ја презеде одговорноста во нападот во отсуство на Периќ, постигнувајќи нов гол за израмнување на 18-18, на 12 минути до крајот на мечот.

Во тој период домашниот тренер Драган Ѓукиќ ја промени одбранбената зона во пет – еден, успеа да го изолира Мандалиниќ и со тоа да го исфрли од ритам нападот на Еурофарм Пелистер. Татабања конечно успеа да се одлепи (20-18). Точка на победата стави голманот Вишомирски, кој за две-три секунди одбрани два удари на Кукуловски и на Маџовски, овозможувајќи Татабања да слави со конечни 25-21.

Кизиќ беше одличен на голот со девет интервенции иако не беше стартер во Татабања, додека во нападот најдобар поединец беше Мандалиниќ со десет гола, пред Маџовски, Граџан и Периќ со по три.

Се вчитува...