Португалија е футсал-шампион на Европа

Португалија испиша историја откако оваа земја за првпат се закити со европската титула во футсал, во големото финале совладувајќи го досегашниот шампион Шпанија со 3-2. Финалето во Љубљана беше решено дури по продолжение од 2 х 5 минути, во клучните моменти Португалците останаа без својот главен ас Рикардињо, но сепак успеаја да стигнат до големата победа со голот од пенал на Куелјо, кој со два гола е херој на ова големо финале.

Возбудувањата во финалето стартуваа по неполна минута, или поточно 59 секунди, колку што им беа потребни на Португалците за да поведат со 1-0 преку Рикардињо. Шпанците очекувано ја презедоа иницијативата, па пред крајот на полувремето успеаја да израмнет со голот на Толра. Рикардињо промаши зицер за ново водство на својата репрезентација во второто полувреме, а големиот футсал мајстор не се снајде најдобро ни во дефанзива, не затворајќи по еден слободен удар на Шпанците, по што „фуријата“ поведе со 2-1 преку Лин.

При овој резултат Шпанија доби идеална можност да го реши победникот, но пеналот на Мигелин заврши во гредата. Последните минути од регуларниот дел Португалија ги одигра со играч-голман, а ваквата тактика вроди со плод на 102 секунди до крајот кога по една одлично изработена акција осамен на еден метар од голот се најде Бруно Куелјо, постигнувајќи го израмнувачкиот погодок.

Почетокот на второто продолжение донесе кошмар за Потугалците, откако Рикардињо заработи тешка повреда и не можеше да се врати во клучните моменти за својата селекција.

На 56 секунди до крајот Португалија доби пенал по шестиот прекршок на Шпанците, одговорноста во отсуство на Рикардињо ја презеде Бруно Куелјо, кој одлично пласираше во долниот агол за водство од 3-2. Шпанците тргнаа без голман и на 15 секунди до крајот создадоа зицер, но нивниот шут од три метри беше одбранет од страна на фантастичниот португалски чувар на мрежата, за прва европска титула на Португалија во футсал.

Се вчитува...