Последица од Covid-19: Двајца играчи на Њукасл едвај стануваат од кревет

Менаџерот на Њукасл, Стив Брус, ги потврди последните новинарски пишувања дека двајца фудбалери на овој тим се уште чувствуваат огромни последици од коронавирусот. Десетина играчи на Њукасл се заразија од Covid-19 пред околу еден месец, голем дел од нив се вратија на терените, но двајца чувствуваат сериозни последици од болеста.

Станува збор за капитенот Џамал Ласкелс и за францускиот крилен офанзивец Алан Сан-Максиман, кои се соочуваат со сериозни здравствени проблеми.

„Голем дел од оние кои се разболеа сега се чувствуваат сосема нормално. За жал, имаме двајца фудбалери кај кои ситуацијата воопшто не е добра. Едвај стануваат од кревет, а кога ќе станат не можат ниту да издржат половина час на нозе, мора пак да легнат. Ситуацијата е алармантна, не знаеме кога ќе се вратат, но тоа е најмалку важно во моментов. Најзначајно е целосно да оздрават“, изјави Брус на денешната прес-конференција.

Ласкелс и Сан-Максиман последен пат настапија за Њукасл на 21 ноември.

Се вчитува...