Потоп на Реал во Париз, Јуве испушти победа во Мадрид

Реал Мадрид беше понижен на стартот од сезоната во Лигата на шампионите откако „кралевите“ загубија со 3-0 на гостувањето против ПСЖ. Зидан не можеше да смета на неколку првотимци, но ПСЖ настапи без ударното трио Нејмар, Мбапе, Кавани, но и со така преполовен тим успеа да го декласира најтрофејниот европски клуб.

Анхел ди Марија беше човек на одлука во првото полувреме постигнувајќи два погодоци, а конечните 3-о во судиското продолжение ги постави Муние.

Интересно беше во Мадрид, каде по здодевното прво полувреме во вториот дел меѓу Атлетико и Јувентус беа постигнати дури четири гола (2-2). „Старата дама“ поведе со 0-2 преку Квадрадо и Матуиди, Савиќ намали на 1-2, за во самиот финиш „Ванда“ да експлодира од воодушевување кога Ерера го постигна израмнувачкиот погодок на асистенција на Трипие.

Баерн Минхен рутински ја одработе задачата против Црвена звезда славејќи со 3-0 со головите на Коман, Левандовски и на Милер.

Манчестер Сити експресно се опорави од поразот од Норвич во Премиер-лигата, па вечерва рутински славеше над Шахтјор во Украина со 0-3. Гвардиола го одмори Агуеро, но тоа не се одрази врз ефикасноста на нападот на „граѓаните“, за кои головите ги постигнаа Марез, Гундоган и Габриел Хесус.

Динамо Загреб ја растури Аталанта со 4-0, меч на кој Аријан Адеми асистираше при третиот погодок за својот тим (Оршиќ беше херојот постигнувајќи хет-трик за Динамо).

Се вчитува...