Потврда за класата: Ненад Димитријевиќ – МВП на плејофот во ВТБ-лигата

Ненад Димитријевиќ одигра извонредно во дресот на Уникс во последниот месец, предводејќи го тимот од Казањ до фантастична титула во ВТБ-лигата. Тој денеска го крена првиот пехар во сениорската кариера, предводејќи го Уникс до големиот трофеј, а веднаш потоа стигна и големото индивидуално признание – токму Димитријевиќ беше избран за МВП на плејофот во оваа силна лига.

Тој одигра вкупно 15 натпревари за Уникс во доигрувањето, при што имаше просек од 15,8 поени, 5,3 скокови, 3,2 асистенции и 1,2 украдени топки по натпревар. Најдоброто го сочува за самиот крај, откако токму Димитријевиќ блесна во мајсторката во полуфиналето против Зенит, носејќи пресврт и победа на својот тим, за вечерва да одигра уште еден маестрален меч во кој постигна 34 поени против Локомотив Кубан, за конечни 4-1 во финалната серија.

Само за потсетување, Димитријевиќ настапува за Уникс како позајмен играч од Валенсија. Нема сомнеж дека по одличните настапи во ВТБ-лигата до него ќе пристигнат понуди во дел од најголемите европски клубови, па интересно ќе биде да се види каде македонскиот плејмејкер ќе игра во наредната сезона.

Со квалитетот што го поседува и победничкиот карактер што го прикажа во изминатите триесетина дена, нема сомнеж дека Димитријевиќ заслужува следна станица во кариерата да му биде Евролигата.

Се вчитува...