Повеќе повреди отколку шанси – здодевно дерби на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед и Ливерпул ремизираа 0-0 во големото дерби во кое се очекуваа бројни возбудувања, но наместо тоа беше одбележано од повредите на фудбалерите во првото полувреме. Имено, Оле Гунар Солскјер беше принуден трите свои замени да ги изврши уште во првото полувреме, откако Ерера, Мата и Лингард сите заработија повреди и мораа да го напуштат теренот. Удар во пределот на зглобот доби и Рашфорд, но младиот напаѓач мораше да го доигра натпреварот иако не беше стопроцентно подготвен за второто полувреме. Без значаен адут остана и Клоп, кој во првите 45 минути мораше да го повлече од игра повредениот Фирмино, во чие отсуство безопасни делуваа и Салах и Мане.

Најубавата шанса на натпреварот ја имаше Лингард во првото полувреме, но англискиот репрезентаљтивец се обиде да го дрибла Алисон и беше запрен од Алисон Бекер. „Ѓаволите“ и во самиот финиш се најдоа во одлична ситуација за победа, но ударот на Смолинг беше непрецизен. Ливерпул со ова реми се врати на врвот на табелата, со еден бод предност пред Манчестер Сити, додека Манчестер Јунајтед падна на петтата позиција, со еден бод заостанување зад Арсенал.

Во вториот натпревар што денеска беше на програмата во Премиер-лигата, Арсенал лесно славеше над Саутемптон со 2-0, со головите што уште во првото полувреме ги постигнаа Лаказет и Мхитаријан.

Се вчитува...