Повреди и вирус го одложија гостувањето на Вардар во Панчево

Вардар 1961 нема да го одигра вториот натпревар во Регионалната ракометна лига според првичниот распоред.

Гостувањето кај Динамо Панчево, кое беше закажано за 26 август, е одложено поради проблемите со кои се соочува македонскиот тим. Од таборот на „црвено-црните“ побарале одложување поради серијата повреди, но и вирус кој го погодил составот.

Поради ваквата ситуација, Вардар не е во можност да отпатува во Панчево и да го одигра натпреварот во предвидениот термин.

Барањето на македонскиот клуб било прифатено од Динамо Панчево, како и од раководството на Регионалната ракометна лига. Од Вардар упатија благодарност до двете страни за разбирањето и прифаќањето на одлуката.

Новиот термин за одигрување на натпреварот дополнително ќе биде објавен.

Вардар на стартот од сезоната во регионалното натпреварување забележа победа над Војводина, совладувајќи ја со 36:30, па сега ќе мора да почека за својот втор настап.

Се вчитува...