Познат „костурот“ до Келн: Лесно за Манасков, тешко за Лазаров

Со комплетирањето на групата Б веќе се познати и сите осминафинални двојки за Лигата на шампионите, како и „костурот“ за натамошните четвртфиналиња во елитното европско натпреварување.

Македонскиот првак Вардар ќе излезе на мегдан со Загреб, а победникот од овој двомеч ќе се сретне со подобриот од двата дуели меѓу Пик Сегед и Висла Плоцк.

Кире Лазаров со Нант ќе има тешка задача да стигне до Ф4 турнирот во Келн. Тој најпрвин ќе има „македонско дерби“ во осминафиналето против Филип Талески и Рајн-Некар Левен, а потоа доколку стигне во следната рунда, ќе го очекува пеколен двомеч со поранешниот клуб Барселона.

Полесна задача од капитенот на репрезентацијата ќе има Дејан Манасков, кој со Веспрем го освои второто место во групата А. Унгарскиот гигант во осминафиналето ќе се сретне со Спортинг Лисабон, а потоа во четвртфиналето ќе игра со подобриот од дуелот Фленсбург – Брест Мешков.

Во последното осминафинале ќе се сретнат Кјелце и Мотор, а победникот од овој дуел во четвртфиналето секако ќе важи за аутсајдер во пресметките со ПСЖ.

Се вчитува...