ППД Загреб падна во Скопје, Вардар сам решава за својата судбина во ЛШ

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар стигна до победа од 20-19 над ППД Загреб во 12. коло од групата А во Лигата на шампионите. Во еден крајно неизвесен и тврд натпревар во кој доминираа одбраните, но и големиот број на технички грешки на двете страни, двократниот европски шампион воден од скопската публика на крајот успеа да запише голем триумф во борбата за нокаут фазата во елитата.

И двете екипи како во „грч“ го отворија натпреварот. Безидејно во нападот, а по пет минути резултатот на семафорот беше само 1-1, а единтвените голови на мечот ги постигнаа Гојун за гостите и Оливие Нијокас  за домаќините. Во продолжението се уште доминираа силните одбрани на двете страни, а по исклучувањето на Диало, малку се отвори играта па по десет минути беше 3-3, откако Борко Ристовски му одбрани пенал на Иван Чупиќ.

Стрелците никако не успеваа да го пронајдат својот ритам. Тимур Дибиров не реализираше пенал за „црвено-црните“, по што следше погодок на Лејметер за ново минимално водство на гостите од 5-6. Вардар заигра далеку подобро во продолжение, гостите беа беспомошни во фазата на напад, па по неколку пропуштени шанси, конечно во 24. минута двократниот европски шампион со голот на Гоце Георгиевски за првпат стигна до позитива од два гола (8-6), по што тренерот на загрепчани, Ивица Обрван мораше да го побара својот прв тајмаут.

Следеше нов нереализиаран напад на гостите, по кој Патрик Валчак во 26. минута за првпат донесе водство од три гола за домашниот тим (9-6). Гостите брзо возвратија со погодокот на Алекс Кавчиќ, но со вториот гол на Валчак во последните три минути се влезе со позитива од три гола за „црвено-црните“ (10-7). Загрепчани возвратија со два гола, а со третиот гол на Валчак на полувреме се замина со плус два за Вардар (11-9).

Во воведните десет минути од вториот дел се играше во серии. Прво за само минута и пол гостите ја анулираа предноста од плус два на Вардар и израмнија на 11-11. Следеше ист одговор од избраниците на Давид Дејвис кои поведоа со 13-11 и откако не успеаја да искористат неколку напади за плус три, гостите повторно се вратија во мечот израмнувајќи на 13-13.

Во продолжение се играше гол за гол, а единствен расположен во редовите на Вардар, беше Филип Талески кој во период од 40. до 50. минута ги постигна единствените голови за домаќините, по што во последните десет минути се влезе во егал (16-16).

Слабата реализација во нападот продолжи и во слендите пет минути. „Црвено-црните“ неколку пати се одбранија да не дојдат до негатива од два гола, а со голот на Кевин Нијокас во последните пет минути влегоа со позитива од 18-17. Следеше нова грешка на гостите која ја казни Ѓукиќ и донесе водство од 19-17 на четири минути до крајот, по што Обрван мораше да го повика својот последен тајмаут. По тајмаутот следеше нова грешка на загрепчани, а Талески со својот четврти гол повторно ја донесе најголемата предност од плус три 20-17.

Оливие Нијокас и Филип Талески со по четири гола беа најефикасни во победничкиот табор, додека Борко Ристовски кој бранеше само во второто полувреме забележа шест одбрани. Кај поразените Чупиќ и Лејметер завршија со по три погодоци, а двата голмани Славиќ и Ивиќ забележаа вкупно девет одбрани.

Во последните две минути за малку „црвено-црните“ ќе направеа од готово вересија, но за среќа гостите не го искористија тоа и на крајот мечот заврши 20-19.

Вардар со овој триумф ги мина Загреб и Елверум на табелата и до крајот сам ќе решава за својата судбина во мечевите против Мешко Брест на гостински терен и Елверум дома.

Се вчитува...