Пресврт: Лацио го пушти Муричи да игра против Македонија

Најдобриот косовски напаѓач Ведат Муричи сепак ќе биде во комбинација за настап за оваа репрезентација за дуелот против Македонија в четврток, откако доби дозвола од Лацио за да се приклучи на подготовките на националниот тим. Косовските медиуми претходно го отпишаа одличниот голгетер, кој пред само една седмица го победи коронавирусот, по што од Истанбул замина за Рим за да се сретне со новите соиграчи.

Во текот на денешниот ден врз Муричи беа извршени детални лекарски прегледи, по што римскиот клуб даде зелено светло на интернационалецот да замине за Приштина и да се приклучи на подготовките на својата репрезентација. Останува да се види дали Муричи може да се најде во стартниот состав со оглед на фактот дека екс-голгетерот на Фенербахче веќе извесно време влечел незгодна повреда на мускулот.

Косово дефинитивно ќе биде без помошта на Милот Рашица од Вердер, а селекторот Шаланде нема да може да смета ниту на Хекуран Криезиу, фудбалерот за врска на швајцарскиот Цирих, како и на услугите на Идриз Воца од Анкарагучу.

Се вчитува...