Претседателот на Францускиот фудбалски сојуз во дилема – Неизвесна иднината на Дешамп

Фудбалската репрезентација на Франција пристигна на Европското првенство како најголем фаворит, но Французите го завршија своето учество во осминафиналето. Во оваа фаза од  ЕП, Швајцарија ја победи Франција откако беше подобра во изведувањето на пенали.

Како што се очекуваше, селекторот на француската репрезентација Дидие Дешамп се најде на удар на критиките, а за неговиот статус се дискутира во француската јавност. Постојат шпекулации за неколку имиња кои ќе влезат во трка за негов наследник, а првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Франција, Ноел Ле Грае, зборуваше токму на оваа тема.

Во разговор со „Фигаро“, Грае посочи дека тој и селекторот на репрезентацијата мора да размислат за сè.

„Дидие мора да размисли, како и јас. Ќе се сретнеме некаде надвор од канцелариите на федерацијата, ќе го поминеме денот заедно, ќе сфатиме кој што сака и очекува”, истакна првиот човек на францускиот фудбал.

Ле Грае додаде дека сака да знае како се чувствува Дидие и дали е мотивиран да ја продолжи соработката.

„Зборуваме за човек кој ни донесе многу радост и нè доведе до победа на Светското првенство во 2018 година. Ќе почекам, ќе разговарам со него за Европското првенство. Сакам да знам како се чувствува, дали е мотивиран, а истото важи и за мене“, заклучи Ноел.

Се вчитува...