Прилеп ја продолжи серијата одлични резултати откако вечерва славеше над Пролет со резултат 29-27, десетта победа во низа на прилепчани кои последниот пораз го претрпеа пред повеќе од три месеци, на 13 февруари на дуелот со Е. Пелистер.
Денешната битка со гостите од Скопје се покажа покомпликувана од очекувањата, Пролет одигра квалитетен натпревар и во огромни периоди целосно му парираше на домашниот тим. На седум минути до крајот скопскиот суперлигаш имаше предност од минимални 24-25,, но Прилеп одговори со три гола во серија за водство од 27-25. Пролет не се предаде, преку Стојановски намали на 28-27 на нешто повеќе од минута до крајот, но Димитриоски во самиот финиш стави печат на победата на домашниот состав, изразена со конечните 29-27.
Шипинкоски постигна седум, а Димитриоски шест гола за победничкиот тим, додека прв стрелец на Пролет во овој пораз беше Андреј Стојановски со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
