Проблеми на „Олд трафорд“: Роналдо му прави „бојкот“ на Рангник во Jунајтед

Односите на Кристијано Роналдо и преодниот менаџер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник се во „колапс“, бидејќи Португалецот смета дека Рангник не е дораснат на работата, тврди шпанскиот „АС“, во уште една епизода од „сапуницата“ кај „ѓаволите“ оваа сезона.

Рангник беше донесен да ја „спаси“ сезоната за Манчестер јунајтед по отказот за Оле Гунар Солскјер, но тие повторно имаат низа на разочарувачки резултати и се на петтото место во Премиерлигата, со многубројни извештаи за конфликти во соблекувалната.

Според „АС“, Германецот ја нема поддршката на „водечките“ фудбалери во тимот, во прв план Роналдо и нивните односи се целосно уништени. Рангник, пак, дополнително го разбеснил Португалецот во петокот, кога го обвини Роналдо дека не „функционира“ пред голот. Роналдо е најдобар стрелец на Јунајтед оваа сезона, но сега нема гол во пет лигашки натпревари.

Сепак, Роналдо не бил единствениот кој се обидува да го „поткопа“ Рангник и неговиот тим во Јунајтед. Минатата недела се тврдеше дека дел од фудбалерите на Јунајтед го нарекувале помошникот на Рангник, Крис Армас со името „Тед Ласо“, според популарната ТВ-серијата.

„АС“, додава дека и покрај овој конфликт, шпекулациите дека Роналдо ќе замине од клубот не се вистинити бидејќи тој ужива во животот во Манчестер со своето семејство и не планира трансфер. 63-годишниот Рангник ќе ја напушти својата позиција во мај, и ќе почека да дознае кој ќе биде неговата постојана замена.

Се вчитува...