Проблеми во најава за следниот меч: Без Николов и Спировски против Ерменија

Дополнителни проблеми во најава за македонскиот селектор Игор Ангеловски за последниот натпревар против Ерменија во Лигата на нации кој на 18. ноември го играме на Кипар.

Двајцата фудбалери од средниот ред Бобан Николов и Стефан Спировски заработија втори жолти картони во ова издание од Лигата на нации поради што ќе мора да го пропуштат следниот натпревар, а тоа ќе биде дуелот со Ерменците, најверојатно клучен за првото место во групата. Николов и Спировски се дополнителни двајца од стандардните првотимци кои ќе отсуствуваат по Пандев, Барди, Адеми, Димитриевски, Велкоски.

Николов имаше веќе еден жолт картон од првиот натпревар против Грузијците на 8. септември. Денеска, на натпреварот против Естонија во Скопје, фудбалерот на Мол Фехервар во првото полувреме заработи и втор поради што ќе мора да паузира.

Спировски, пак, имаше жолт картон од првиот меч против Естонија во Талин, а денеска го заработи и вториот.

Македонија на полувремето од натпреварот во 5. коло од Лигата на нации има предност од 1-0 против Естонија, со голот на Иван Тричковски во 29. минута.

Се вчитува...