Проблеми за Далиќ: Пет фудбалери отпаднаа за дуелот со Англија

Хрватскиот селектор Златко Далиќ се соочува со сериозни проблеми во пресрет на дуелот од Лигата на Нации против Англија, откако неколку стандардни фудбалери отпаднаа од комбинација за настап за „коцкестите“.

Тандемот на Интер, Марсело Брозовиќ и Шиме Врсаљко, поради ситни повреди ќе се врати назад во Милано, а покрај овие двајца првотимци Далиќ нема да може да смета ниту на голманот Ловре Калиниќ, потоа на Дује Чоп и на дефанзивецот на Глазгов ренџерс, Борна Баришиќ. Поради овие проблеми хрватскиот селектор дополнително ги повика Карло Бартолец од данскиот Нордсјиланд, како и голманот на Ријека, Симон Слуга.

Хрватска во првото коло од Лигата на Нации претрпе катастрофален пораз од 6-0 од Шпанија, па јасно е дека од „коцкестите“ ќе се очекува многу подобра игра на пресметката со Англија, селекција што избраниците на Далиќ пред неколку месеци ја совладаа во полуфиналето од Мундијалот во Русија.

Се вчитува...