Проблемите на ЛА Лејкерс немаат крај: Пак се повреди Ентони Дејвис

Проблемите со повредите на Лос Анџелес Лејкер се зголемуваат како што се приближува стартот на плејофот, а главоболките за стручниот штаб се уште поголеми откако денеска нова повреда заработи Ентони Дејвис.

„Езерџиите“ веќе настапуваат без Леброн Џејмс и Шрудер, а синоќешниот дуел со ЛА Клиперс го завршија и без Дејвис. Одличниот центар ја повреди ногата и не се врати на теренот до крајот на мечот, а деталните прегледи ќе покажат колку долго Дејвис ќе мора да отсуствува од терените.

Тој веќе паузираше повеќе од еден месец од терените, период во кој ЛА Лејкерс влегоа во серија слаби резултати, па останува да се види колку натпревари ќе пропушти Дејвис во завршницата од сезоната.

Актуелниот шампион моментно има идентичен скор со Портланд од 37 победи и 29 порази и се наоѓа на делба на шестото и седмото место во Западната конференција, па лесно може да се случи „езерџиите“ да не обезбедат директен пласман во плејофот, особено ако се земат во предвид се поголемите проблеми со повредите.

Се вчитува...