Пролет е чекор поблиску до плејофот

Пролет ја врза и третата победа во својата група од Супер-лигата, со што скопскиот клуб е на чекор до обезбедување на место во плејофот. Избраниците на Матлиески вечерва гостуваа во Струмица, но новиот суперлигаш Астраион немаше сили да им ги замрси сметките, па Пролет рутински триумфираше со 24-31.

Гостите добро го стартуваа мечот, па во почетните минути поведоа со 3-6. Домашните играчи во неколку ситуации се приближуваа до еден гол разлика, но во ниту еден момент не успеаја да стигнат до израмнување, камоли да направат резултатски пресврт. На одмор се замина со водство на Тинекс Пролет од 11-14, по што скопскиот суперлигаш почна фуриозно и во второто полувреме, набрзина поведувајќи со резултат 11-17. По само десетина минути игра во вториот дел Тинекс Пролет веќе имаше девет гола предност (12-21), по што рутински го приведе натпреварот до крај. Матлиески им даде шанса и на дел од оние ракометари кои вообичаено имаат помала минутажа, но тоа не се одрази посериозно врз резултатот, па овој натпревар заврши со конечни 24-31.

Давор Палевски со 11 погодоци повторно беше најефикасен во редовите на Тинекс Пролет, четири погодоци постигна Димов, додека новото засилување Жарко Пејовиќ реализираше два гола на дебито за скопскиот суперлигаш.

Се вчитува...