Пролет е кадетски шампион на Македонија

Пролет се закити со титулата кадетски шампион на Македонија откако овие млади ракометари излегоа како победници од фајналфор турнирот што денеска се одигра во Битола. Две тешки победи за помалку од осум часа, доказ за квалитетот и карактерот на момците кои цела сезона не знаеја за пораз, а успехот го крунисаа со денешните победи над Охрид и над Мулти Есенс.

Противник во полуфиналето на Пролет беше кадетскиот тим на Охрид, кој беше совладан со 34-25. Победникот беше решен во одличното прво полувреме што Пролет го доби со 16-8, водство што рутински беше задржано до самиот крај. Костов со пет гола беше најефикасен во победничката екипа, а по четири погодоци постигнаа Јовиќ, Црцаревски и Симовски.

„Шлаг“ на тортата во оваа перфектна сезона беше ставен со извонредната победа над Мулти Есенс, изразена со конечните 37-34. Голема скопска битка во Битола донесе резултатски пресврт, на паузата бевме во негатива од 13-17, но Пролет за десетина минути веќе поведе со 20-19, имаше контрола над резултатот и на крајот заслужено се радуваше на големиот пехар.

Костов беше прв стрелец и во големото финале со осум постигнати погодоци, по седум гола постигнаа Лешниковски и Дамчевски, додека Јовиќ го заврши мечот со пет гола.

Се вчитува...