Пролет со многу мака го освои Радовиш

Давор Палевски беше во главна улога во триумфот на Пролет на гостувањето против Радовиш од 19-22, со што скопскиот суперлигаш ја прекина мини-кризата по поразите од КЛ7 и од Охрид. Заморот беше и повеќе од очигледен кај гостинскиот тим, кој на крајот сепак собра сили да ја задржи предноста во клучните моменти.

Мечот почна со водство на Пролет од 0-3, гостите го контролираа резултатот низ целиот меч, но радовишани покажаа карактер и во неколку ситуации успеаја да се вратат. Домаќините ги казнија грешките на избраниците на Матлиески пред крајот на полувремето и од „минус шест“ (5-11) на одмор заминаа со само два поени негатива (10-12). Ракометарите на Радовиш одлично го почнаа и второто полувреме, стигнаа до израмнување од 14-14, но во пресудните моменти решавачко беше исксутвото на Пролет. Гостите се мачеа со нападот, но Ангелов имаше клучна интервенција на помалку од две минути до крајот при 19-21, по што Димов ги постави конечните 19-22 на овој натпревар.

Палевски беше играч на натпреварот, левото крило на Пролет постигна дури 12 погодоци, а четири реализираше капитенот Ласко Андоновски. Илиев и Стојановски со по пет гола беа најефикасни во таборот на Радовиш.

Се вчитува...